СОЛЗИТЕ СЕ ЧИСТИЛИШТЕ
НА ДУШАТА
Танцувавме со мрачната
сенка на леопардот.
Храбро, отмено,
онака машки.
Со врескање на хиената,
ја излечив и
раната заборавена
од многуте останати гнилости.
Капка пот потече
по црвеното чело
и се испреплете
со густата солза
која се закачи
на заматената трепка.
Дали солзата е чистилиште
на душата?
Машка солза, тешка како камен,
врела како оган.
ЉУБОВ
Длабоко впери го
погледот во очите мои.
Таму се скриени
најдлабоките мисли и чувства.
Мојот трепет е како пердув,
на цветот, кој нежно се гали
и потонува во љубовниот занес.
Преплет од емоции
ми ги прекинува
нишките заплетени
уште пред многу години.
Дури и прстените на дабот
ја знаат бесконечната љубов,
која не поврза во вистинското време.
МЕДОВА ГОРЧИНА
Не верувам во зборови
скршени на два дела.
Ниту на недовршени прегратки
оставени да лебдат молкум.
Медот кој течеше по
патот на виножитото
ја прелеа горчината,
па остана да горчи
и пече огнено и безмилосно.
Без зборови остана птицата
која леташе над течението
на лажната тревога,
подготвена за уште
поголем немир.